Wednesday, January 19, 2011

Бог и ти

„Господ ми е помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човекот?“ (Евр.13:6)
Сѐ почесто сретнувам луѓе што се борат со депресија, осаменост, гнев и сл. И интересно е што за сето тоа секогаш ни се виновни другите. Тој ме навреди затоа сум тажна. Таа ме повреди затоа сум гневна итн.  Луѓе! Никој не треба да се самосожалува. Да не бараме љубов, туку да даваме за Бог да ни даде нам. Времето си поминува, годините си врват додека ние спиеме заробени во пустината и никако не можеме да сфатиме дека Исус дојде да нѐ ослободи од нас самите. Земи го крстот и појди по Мене, се зборовите на Исус. Со што се храниме преку денот така и се чувствуваме.

Пред некое време ми беше поставено прашање: „Што значи да се отвори срцето? Како тоа да се направи?“ Одговорот е да се ослободме од минатото, од осудата, да го исчистиме умот од секакви идеи, предрасуди, мислења и да му дозволиме на срцето да прими ослободување преку верата во Христос. Да Му се потчиниме на Бог и да не бараме оправдување од луѓе. Ниеден човек не може да нѐ доведе во ваква или таква ситуација, само Бог може, во зависност од тоа колку сме Му послушни. Не смееме да се чувствуваме мизерно заради туѓите дела.
Па, доброда се запрашаме: „На кого повеќе мислевме денес. На Бог или на некој друг или на нешто друго. Што е тоа толку вредно што постојано нѐ преокупира, и ни го одзема мирот?“ Стравот е тој што нѐ измачува. Стравот да не нѐ напуштат, стравот да не останеме сами, а каде што постои страв, љубовта е несовршена.


Луѓето ќе доаѓаат и ќе си одат од нашите животи, но Бог е тој кој вечно останува. Грешката е што повеќе ги слушаме нашите чувства отколку Бог, затоа донесуваме лоши одлуки. Не можеме да ги промениме луѓето, не можеме да ги промениме ситуациите, но можеме да го промениме својот поглед на работите. А како ќе го направиме тоа? На истата ситуација на која сега гледаме како на безизлезна, да почнеме да гледаме со надеж дека ќе се промени на добро. Со вера дека сѐ содејствува за добро на оние што го љубат Бог. Можеби во нашите очи тоа е невозможно сега, но за Бог ништо не е невозможно. Време е да Му веруваме на Бог дека Тој ги раководи нашите животи подобро и од она што можеме да го замислиме и ништо не е случајно. Ајде цврсто да се држиме за Неговите ветувања.

No comments:

Post a Comment