Sunday, January 8, 2012

Повикана за борба


Во еден период од Израелевата историја, Бог подигнувал судии да го водат народот. Дебора, била единствената жена која му служела на Бог во оваа улога.Таа била сопруга, пророчица и судија. Нејзиниот живот бил исполнет со вера и Бог ја дарувал со мудрост и авторитет за да зборува во Негово име и да го води народот во време на голем политички пресврт и хаос. (Судии 4:1-16, Судии 4:17-24, Судии 5:1-18, Судии 5:19-31).
      За какви дела во верност сме повикани ние денес? Што не спречува и како да го надминеме тоа?
   Како во минатото така и денес Бог повикува луѓе  во битка, водејќи ги надвор од идолопоклонството  и обновувајќи го нивното достоинство како одбран Божји народ. Во тоа време  Дебора кога ја опишува нејзината улога не се нарекува себе си пророк, ни судија, ни генерал, туку едноставно мајка на сите деца на Израел и како мајка го потсетува  својот народ на кој Бог му служат. Така и нам денес ни е потребно некој или нешто да не потсети и да не води во победоносен мир со Бог, а со тоа и во победоносна позиција на целиот народ во однос со светот.
     Можеби немаме водечка позиција или влијателно работно место кое има моќ во општеството, но сепак можеме да бидеме мајки на тие околу нас и да ги инспирираме да чекорат во праведност. Можеби во нашиот живот имаме премалку време или можности, но сепак можеме да бидеме влијателни мајки кои ќе ги надминат очекуваните граници. Можеме да бидеме како Дебора и преку нашата вера да бидеме  употребени од Бог и да бидеме мајки на нашиот народ.  
    Татко, помогни ни да истапиме и да ти служиме правилно во нашата генерација. Откриј ни што не спречува - личните сомнежи и слабости. Нека се зајакне верата во нашите срца, нека се зацврсти знаењето во нас за тоа кој си Ти, за да можеме да делуваме со вера во Тебе, и во силата на Светиот Дух ден за ден. Амин!