Wednesday, February 23, 2011

Нашиот дом е на небото

    Библијата е живо Слово, кое не само што ни ја пренесува историјата и нѐ учи за Божјиот карактер, туку и е најдобриот прирачник за животот. Иако не е лесно, но животот може да биде многу едноставен ако работите ги гледаме од вистинска перспектива. Треба да си признаеме дека најчесто самите си го комплицираме животот.

    Животното прашање не е дали ќе поминуваме низ искушенија и низ пустини, прашањето е како ќе се однесуваме додека се наоѓаме во таква ситуација. Можеби некој се чувствува дека е во безизлезна ситуација, да, мене многу често ми се случувало, но само затоа што забораваме на она што нѐ учи Библијата. Забораваме дека сме Негови деца (Рим. 8:15,16), забораваме на зборовите на Исус кога вели дека оди да ни подготви место на небото (Јован 14:2).
    Сегашните маки се невредни во однос на она што го имаме на небото. Да веруваме во ветувањето на Бог  (Рим. 8:18). Наместо да паѓаме во замката на ѓаволот, кој проблемите ни ги прави центар на нашето внимание, и наместо  да седиме сожалувајќи се и губејќи си го времето во грижи, едноставно треба да се присетиме дека сегашната ситуација е незначајна во споредба со она што Господ го направил за нас. Кога донесуваме важни одлуки, не треба да бидеме кратковиди и да се трудиме да ја задржиме моменталната сигурност. Бог направил толку големи работи за нас. Така што кога ќе дојдат тешките моменти да можеме да се присетиме на минатото и да ја замислиме иднината со вера .
    Да се поучуваме од примерите во Библијата. Израелците ги видоа незамисливата љубов и силата на Бог кога ги изведе од Египет. За нив го раздели морето, за нив постави  облак преку ден да ги води, а ноќе, огнен столб. Секојдневно ги хранеше со мана од небото, и кога се појави проблем за три дена заборавија на сѐ.  А Јосиф од друга страна, го преброди секој проблем смирено и со вера. За целото зло што му беше сторено од браќата кога го продадоа како роб, Бог го благослови повеќекратно. Верноста на Јов беше наградена бидејќи не се жалеше на својата состојба. Заради трпеливоста и вербата Рут беше благословена и од нејзината лоза произлезе Спасителот.
    Ако сме цврсто уверени во Божјата љубов, Бог секоја ситуација ќе ја употреби за наше добро, за ние да научиме нешто (Рим. 8:28). Ајде да ги следиме добрите примери во Словото и да бидеме како Јосиф, како Јов, како Рут, како Давид, како апостолите. Апостол Павле во 2 Кор. 4:16-18 вели: Затоа, не папсуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од  ден на ден. Зашто нашата сегашна невола ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава, бидејќи ние не гледаме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се привремени, а невидливите се вечни.

Friday, February 18, 2011

Семинар на тема: Абортус

5 Март 2011 19:00 до 21:00 , Kroskrods Centar во Маџари ( над Fast food Tomi). "Дојдете да научите повеќе за физичките последици од аборусот и што вели Библијата за вредноста на животот".