Saturday, April 23, 2011

Одлучете денес...

 Наближувајќи при крајот на својот животен век Исус Навин ги повика водачите на Израел и им рече:„ Вие видовте сѐ што Господ, вашиот Бог, направи пред лицето ваше... (Исус Навин 23:3). Потоа ги соочи со одлука што тие мораа да ја направат за себеси: одберете си сега кому ќе му служите“ (Исус Навин 24:15). Што направија тие? Му служеше Израел на Господ во сите денови додека беше жив Исус Навин..(Исус Навин24:31). Тоа звучи добро, зарем не? Тие го одбраа вистинското.
Меѓутоа да погледнеме поблиску. Тие Му служеа на Бог делумно, само кога имаа некаква корист и лична придобивка. Веднаш по смртта на Исус Навин, Израел требаше да ги нападне и да ги избрка паганските народи и да им ги разурне светилиштата на туѓите богови. Меѓутоа, тој ги остави тие народи да живеат под негово ропство, и со текот на времето измеша со нив, земајќи жени од нивните, иако Бог им го забрани тоа (Судии Израелови 1:27).
Иако Исус Навин му беше целосно посветен и послушен на Бог, другите израелски водачи-старешини го следеа Бог делумно. И кој беше резултатот на сето тоа? Нивните синови и ќерки се земаа со девојките и момчињата од паганските народи и го преземаа нивниот начин на жвеење и верувањата. ...и кога целото поколение им се придружи на своите предци, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израел, тогаш Израеловите синови почнаа да прават зло пред Господ и да му служат на Ваал. Го оставија Господа, Бог на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата египетска, и се свртија кон други богови на тамошните места, и почнаа да им се поклонуваат и Го разгневија Господа...тие одново почнаа да живеат во уште поголем разврат од своите предци, одејќи по други богови, да им служат и да им се поклонуваат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој  (Судии 2:10-12,19).
Која беше причината што таа млада генерација ја загуби духовната вредност? Тоа беше компромисниот живот на нивните родители. Одлуките и животот на една цела генерација се рефлектира на следната генерација. Тоа ни помага да разбереме и да размислуваме за тоа како нашите родители влијаеле врз нашата духовна посветеност или непосветеност и како ќе се одрази тоа на нашите деца. Родителите се тие што можат и треба да стават здрава духовна основа и да создадат здрава духовна атмосфера во која ќе растат нивните деца. Ние како родители сме должни на нашите деца да им кажиме за Бог, за Неговото Слово и за Неговите дела во нашиот живот. Ние треба да им дадеме на нашите деца длабоки духовни корени уште од нивната најрана возраст. Библиските стихови што децата ги учат дома или во неделното училиште може да ги врати кон вистината подоцна во нивниот живот ако се случи да одберат погрешни патеки. Божјото Слово е живо и делотворно, и засадено во срцата на децата ќе си донесе вистински плод во свое време. Меѓутоа, не им кажувајте на децата само за Бог, туку пред нив покажете и бидете пример за тоа како се живее свет и побожен живот. Децата најубаво учат од пример гледајќи ве вас во вашето секојндневие. Ајде да бидеме родители што ќе подигнеме една цела нова генерација, која ќе го љуби Бог. Одлучете денс кому ќе му служите...а, пак јас и домот мој ќе Му служиме на Господ. (Исус Навин 24:15)

Thursday, April 14, 2011

Бог се грижи за тебе



   Надевај се на Господ од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите твои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки. Изреки 3:5,6

    Една моја пријателка, која помина низ тешка операција, мораше да користи патерици неколку месецa додека не закрепна. Каков предизвик и измачување беше тоа за неа?! Некогаш ќе ја видев задишaна на скалите, а рацете и беа вцрвенети и отечени од тежината со која се потпираше. Потпирањето на патериците може да биде многу исцрпувачка работа. Но, на ист начин е исцрпувачки кога се потпираме на нашиот разум!
    Ако сакаш да имаш навистина лош ден -отстрани Го Бог од него! Обиди се сама да си ги средиш работите потпирајќи се на своите разум и проценка. Трчај по секоја понудена можност. Кога ќе се најдеш во „слепа улица“ врати се и потоа тргни по друг пат. Кога и тој пат нема да те однесе никаде, обиди се со малку манипулација, а потоа со паника. Сега погледни наназад и види каде си била.
    Знаеш што? Некој од нас имаат скриено задоволство во грижите. Кога една грижа ќе замине, ние веднаш ја заменуваме со друга. А, има еден куп грижи, кои се наредиле во долга колона, и чекаат да ги пуштиш. Ние всушност, несвесно почнуваме да уживаме да ги потхрануваме грижите. Тие стануваат нашите емотивни и ментални придружници. Но, Исус рече дека грижењето е трошење време. Зошто? Затоа што грижите ти го оптоваруваат умот и спречуваат да уживаш во она што веќе го имаш. „Затоа ви велам: не бидете загрижени за својата душа, за тоа што ќе јадете или  што ќе пиете; ниту за своето тело,  што ќе се облечете. Зар животот не е повеќе од храната, и телото од облеката? Погледнете ги небесните птици: тие ниту сееат, ниту жнеат, ниту собираат во амбари, а сепак, вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте многу повредни од нив?„ Матеј 6: 25,26
    Во посланието до Филипјаните 4:6,7 Павел пишува: а) Не грижете се за ништо б) во сѐ, преку молитва и благодарност, искажувајте ги своите барања пред Бог в) Божјиот мир...ќе ги штити вашите срца и вашите мисли во Христос Исус .
    Грижите само ќе ни наштетат, ќе нѐ изморат, ќе ни го намалат здравјето. Бог сака да ги земе твоите грижи и да се грижи за тебе. Не се сомневај во Неговата љубов и во желбата да ти помогне. Предај Му ги грижите денеска и  верувај дека Тој ќе се погрижи за тебе.

Friday, April 1, 2011

Вистина



           „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.” Јован 3:3,4

Христијанството не е обична религија што ја прифаќаме со нашето раѓање, како наследство. Дури не можеме ни да ја купиме, ни да ја заработиме. Можеме за некого да кажеме дека е многу добар, може некој да живее супер религиозен живот, но дали тоа носи спасение? Всушност, ако погледнеме во Словото ќе забележиме дека Исус ги отфрлил таквите луѓе ги   (Лука 18:10-14). А од друга страна, ги прифаќал оние што признавале дека се грешни, кои се покајале и се исповедале. Најголема грешка е кога мислиме дека нашите добри дела ќе нѐ спасат (Римјаните 3:23; 6:23; Јаков 2:10). Казната за гревот е смрт, но Исус вели дека Светиот Дух треба да го обнови нашиот дух. Преку Адам и Ева умревме духовно, а преку Исус се раѓаме повторно духовно.
Луѓето мислат дека ако прават добри дела, автоматски ќе се променат и однатре, но вистината е обратна. Ако човек се промени однатре, тогаш ќе дава добри плодови правејќи дела што му се угодни на Бог. Треба да умреме за гревот. Да умреме за гревот значи вистински да го прифатиме Исус за Спасител, кој умре за нашите гревови наместо нас. Но сега, откако сте ослободени од гревот и станавте робови на Бога - го имате вашиот плод - осветувањето, и крајниот исход вечниот живот. Зашто заслуженото за гревот е смрт, но бесплатниот дар од Бога е вечен живот во Христос Исус, нашиот Гопсод  (Рим. 6:22-23).
Сите религии се слични и горе-долу го велат истото за она што значи да си добар и морален. Но, разликата е во тоа што тежината на спасението ја ставаат врз грбот на луѓето, додека во вистинското христијанство, Исус е Тој преку кого се спасуваме т.е. повторно се раѓаме духовноИ така, ако некој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, еве сè стана ново (2 Кор. 5:17). Повторно да се родиме не значи да веруваме во нешто поинаку од другите, туку да се случи целосна промена во личноста.                    
Исус почнува да живее во нас.
            Силата на Светиот Дух нѐ менува секојдневно.
            Библијата станува жива бидејќи е вдахната од Светиот Дух и Тој му зборува на нашиот дух.
            Љубовта ја примаме и неизмерно ја даваме. . .