Thursday, April 14, 2011

Бог се грижи за тебе



   Надевај се на Господ од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите твои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки. Изреки 3:5,6

    Една моја пријателка, која помина низ тешка операција, мораше да користи патерици неколку месецa додека не закрепна. Каков предизвик и измачување беше тоа за неа?! Некогаш ќе ја видев задишaна на скалите, а рацете и беа вцрвенети и отечени од тежината со која се потпираше. Потпирањето на патериците може да биде многу исцрпувачка работа. Но, на ист начин е исцрпувачки кога се потпираме на нашиот разум!
    Ако сакаш да имаш навистина лош ден -отстрани Го Бог од него! Обиди се сама да си ги средиш работите потпирајќи се на своите разум и проценка. Трчај по секоја понудена можност. Кога ќе се најдеш во „слепа улица“ врати се и потоа тргни по друг пат. Кога и тој пат нема да те однесе никаде, обиди се со малку манипулација, а потоа со паника. Сега погледни наназад и види каде си била.
    Знаеш што? Некој од нас имаат скриено задоволство во грижите. Кога една грижа ќе замине, ние веднаш ја заменуваме со друга. А, има еден куп грижи, кои се наредиле во долга колона, и чекаат да ги пуштиш. Ние всушност, несвесно почнуваме да уживаме да ги потхрануваме грижите. Тие стануваат нашите емотивни и ментални придружници. Но, Исус рече дека грижењето е трошење време. Зошто? Затоа што грижите ти го оптоваруваат умот и спречуваат да уживаш во она што веќе го имаш. „Затоа ви велам: не бидете загрижени за својата душа, за тоа што ќе јадете или  што ќе пиете; ниту за своето тело,  што ќе се облечете. Зар животот не е повеќе од храната, и телото од облеката? Погледнете ги небесните птици: тие ниту сееат, ниту жнеат, ниту собираат во амбари, а сепак, вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте многу повредни од нив?„ Матеј 6: 25,26
    Во посланието до Филипјаните 4:6,7 Павел пишува: а) Не грижете се за ништо б) во сѐ, преку молитва и благодарност, искажувајте ги своите барања пред Бог в) Божјиот мир...ќе ги штити вашите срца и вашите мисли во Христос Исус .
    Грижите само ќе ни наштетат, ќе нѐ изморат, ќе ни го намалат здравјето. Бог сака да ги земе твоите грижи и да се грижи за тебе. Не се сомневај во Неговата љубов и во желбата да ти помогне. Предај Му ги грижите денеска и  верувај дека Тој ќе се погрижи за тебе.

No comments:

Post a Comment