Wednesday, June 15, 2011

Пустина



Секојдневно се соочуваме со разни ситуации за кои најчесто мораме да донесеме некоја одлука, да преземеме ризици, да се застапиме за нешто, да поттикнеме некого. Секако тоа со себеси носи ризик дали одлуката е правилна или не. Не знаеш на која страна да тргнеш, не знаеш на што ќе згазнеш.. Ах, пустина полна со песок.
Има ситуации кога сме во материјална потреба, без работа, кога резервите на финансии се потрошиле, или кога сме исцрпени од премногу работа, а мала заработувачка. Потребата му го одзема животот на човекот Ах, пустина без вода.
Ситуации кога нѐ напаѓаат и сакаат да ни наштетат заради свои интереси, нѐ ограбуваат, нѐ измамуваат или нѐ отфрлаат. Ах, пустина со многу змии, шкорпии и пајаци. 
Ситуации кога сме обесхабрени од тешки предизвици, од предолго чекање нешто да се случи или да се промени. Ах, пустина со непроодни песочни дини.
За мене еден од најпоучните делови за практичниот животот од Библијата е делот од Стариот завет кога Израелците биле во пустината. Може да се поучиме од нивното однесување и по илјадници години. Без разлика каков облик земала пустината можеме да ја доживееме и денес и да талкаме долго време, затоа што забораваме од каде Бог нѐ избави и што ни вети. 
Кога израелските деца Му верувале на Бог, Тој ги избавил од ропство и ги водел дење со облак, а ноќе со огнен столб до ветената земја. Кога биле гладни, но со доверба чекале на Бог, Тој ги хранел со мана од небото. Кога биле жедни вадел вода од карпа. Кога ги каснувале змиите, ги избавувал само со еден поглед, преку вера. Кога сме во некаква пустина, многу е важно да сме свесни што ни се случува и како да реагираме бидејќи тоа ќе ни ја одреди насоката на животот. Иако пустината нѐ истоштува психички и емотивно, сепак милостивиот Бог, преку силата на Светиот Дух ќе нѐ зајакне, ќе ни даде насока и ќе нѐ охрабри. Ќе ги примиме Неговите мир и освежување, додека дозволуваме Божјиот карактер да го обземе нашето срце. „Не со силата и снагата, туку со Духот Свети“ (Захарија 4:6).
Пустина во мојот живот траеше и траеше. Жеднеев, молев и давав сѐ од себе за да се избавам, но не можев да разберам дека всушност треба му предадам сѐ на Бог. Дека мојот живот е Негов и секако Тој ќе го заштити Своето, а јас само треба да се одморам во Неговата прегратка. „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот имате неволи; но бидете храбри - Јас го победив светот” (Јован 16:33).