Sunday, January 23, 2011

Свесност за духовната борба

„Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да устоите на лукавствата на ѓаволот.  Зашто нашата борба не е против крв и месо, туку против управителите, против властите, против световните мрачни сили на на овој свет, против духовните сили на злото на небесата. Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се противставите во лош ден и откако ќе свршите сè, да се одржите! Затоа, стојте цврсто, препашани со вистината преку половината, облечени во оклопот на праведноста, и со нозе обуени со подготвеност за Евангелието на мирот! А освен тоа земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на злиот, земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово“  (Ефеш. 6:11-17).
     Низ сите денови од животот постојано нешто има што нѐ мачи, што не ни дава мир. Барем во мојот живот е така. Де убави моменти, де тешко, тешко не се издржува. Пред неколку дена станав од креветот чувствувајќи се дека е подобро да не станувам. Сѐ тргна наопаку. Викам по децата, викам по сопругот, се жалам како сѐ да е против мене, никој не ме слуша. Дури и немав време да се подготвам и да стигнам онаму каде што требаше да стигнам. Со еден збор сакав да врескам. И додека се возев накај центарот си мислев: Аман Боже, до кога веќе со овие искушенија. И ?! Во истиот момент кога си го изговорив тоа, се исполнив со мир. Зошто? Затоа што станав свесна што ми се случува.
Пред сѐ, многу е важно човек да е свесен за постојаната духовна борба во која се наоѓа, а потоа да има на ум дека во никој случај не треба да се потпира на себеси. Само Бог може да ни подари победа преку Неговата сила. Мора да се ослободиме од преголемата вера во себе. Да погледнеме длабоко во срцето и да видиме до која мера ѝ робуваме на желбата да си угодуваме себеси. Борбата не против другите, борбата е против нас самите, против стариот човек. Нели Господ ни заповеда да ги љубиме другите како самите себеси, а Бог да го љубиме и повеќе од тоа. Но, колку често сме обземени од мислите за сопствената среќа. Да ја отвориме вратата на срцето. Да Му дозволиме на Бог да го менува нашето срце. Најпрво да го исчистиме од целата нечистотија, а потоа да го наполниме со Божјите дарови. Можеме ли да ја наполниме чашата со чиста вода, ако прво не ја истуриме бајатата? Чекаме ли важен гостин во нашиот дом, а претходно да не ја исчистиме куќата? Да го подготвиме нашето срце како храм за Господ, и да бидеме совршени како што е совршен Тој. Сѐ додека не ги искорениме сите корени на каколот од срцето, ќе лутаме наоколу самосожалувајќи се. Нашата љубов е заклучена само за нас. Да ја ослободиме љубовта, па злото ќе побегне. Сите прашања од типот: Дали сум среќна? Дали ќе бидам задоволна? ќе ги снема, ако навистина се откажеме од себе. Таа тврдоглава желба за лична среќа е причина за немир и поделеност, која владее во нашата душа. Да се откажеме од неа и да дејствуваме против неа, останатото ќе ни биде дадено и без труд. Светиот Дух не е испратен само да нѐ утешува и да нѐ дарува, туку да нѐ исчисти и да нѐ подготви како совршена невеста за Христос.

Thursday, January 20, 2011

Жената во христијанството


    Бог го создал првиот човек и му дал дарови според Својата благодат, но сепак, нешто му недостигало, помошник сличен на него. Без тој помошник, блаженството на рајот не било целосно.
    Мажот, бидејќи бил способен да зборува, да мисли и да сака, му било потребно друго мисловно битие. Бог ја создал жената како животен сопатник на мажот. Таа била создадена од Бог, за со својата љубов, да го направи блаженството целосно. Според Бог, местото на жената е покрај мажот, значи таа не е под него, туку му е слична и само како таква може да ја даде помошта што му е потребна. Од друга страна, жената е во одредена смисла подредена на мажот, затоа што е создадена заради него и е земена од него: „Коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!” (Битие 2:23).
    Гревот го изобличил односот меѓу мажот и жената. Ѓаволот ја завел жената, потоа таа го завела мажот и го навела на непослушност. Поради тоа што ја злоупотребила љубавта, Бог ја казнил жената ставајќи ја во положба на потполна потчинетост на мажот: Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе” (Битие 3:16). Милостивиот Бог, Кој ги сака луѓето, ја врати рамнотежата меѓу половите преку безгрешното зачнување на Марија. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот. (1.Јован.3:8).
    
За да го спречи деспотизмот, апостол Павле рекол: Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на црквата, (Ефеш. 5:22-23), и тоа да го прават од љубов, а не од ропски страв. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја засака црквата и се предаде Сам Себеси за неа“ (Ефеш. 5:25).
    Една од најважните особини на жената е женственоста. Кога зборуваме за тоа дали жените се еднакво способни како мажите, не можеме, а да не забележиме дека способностите на мажот и на жената се усогласени со улогата што им е дадена од Господ во семејството и во општеството.
    Затоа нивните способности не можат и не треба да се споредуваат бидејќи секој е поспособен во остварувањето на сопствената улога. Жените се по природа поскромни, покротки и позависни и како такви бараат потпора во мажот.
Бидејќи повикот за жената е љубавта, таа не е само извор на пожртвуваност, туку и на голема храброст. Кога зборуваме за храброста на жената, тоа се однесува на храброста во секојдневните животни активности, трпеливоста, болестите, осаменоста.
    Бог ја воздигнал жената со човечка чест и по Божји лик и исто како мажот и жената е откупена преку крвта на Христос, Спасителот. Според повикот, жената треба да се труди да биде битие што љуби и што е посветено. Жената треба, со своите љубов, нежност, грижа за семејството, посветеност спрема мажот и децата, да направи од својот дом извор на љубов, мир и среќа. Оној кој навистина сака, без разлика дали е тоа маж или жена, тој не живее заради себеси, туку живее за личноста што ја сака. Љубовта е појака и од смртта и ништо не може да ја победи.


Wednesday, January 19, 2011

Бог ни зборува

     Времето поминато насамо со Господ е нешто што не треба да се заборави. Потребно е секојдневно да се практикува за да се исполнува нашето срце, во спротивно ќе чувствуваме празнина. Со текот на времето, ќе почнеме да бараме извори од каде што ќе мислиме дека можеме да се исполниме. Кога ќе чувствуваме празнина за љубов, ќе одиме и ќе ја бараме кај другите луѓе. Кога ќе треба да ги платиме сметките, ќе бараме разни извори на пари. И постојано така ќе лутаме и ќе бараме начини како да ги задоволиме нашите потреби. Надежта ќе ја насочиме кон други работи, а не кон Бог. За тоа зборува Еремија во Стариот завет кога вели:Зошто Мојот народ направи две зла: Ме остави Мене, Изворот на живата вода, та си ископа кладенци за себе, испукани кладенци што не можат да држат вода“ (Еремија 2:13).
     Честопати грешиме само за да ги задоволиме нашите потреби. Кажуваме грешни зборови или слушаме грешни зборови, кои ни создаваат дупки во срцето. Можеби се извршени грешни дела над нас или ни згершиле со тоа што не направиле ништо за нас. Сето тоа го свртува умот на погрешна страна.
„Човекот, кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите“ (Поговорки 21).
Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и да ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци. Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги дрзиш неговите заповеди или не сакаш. Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од с
ѐ што излегува од Господовата уста. Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие 40 години. Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син. И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него! Па Господ , твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите; во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и капинки, во земја на мед и маслинки; во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостига; во земја каде што камењата имаат железо и каде што ќе вадиш бакар од нејзините ридови. Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде”.  „Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес. И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куки  и ќе се населиш во нив; кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сѐ твое ќе напредува, тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од египетската земја, од куќата на ропството; Кој те поведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа; Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита, па да бидеш среќен на крај.Тогаш не вели во своето срце: ’Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство’. Спомни си за Господа, својот Бог! Па тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така - како денес -Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци.  (Второзаконие 8).