Sunday, January 23, 2011

Свесност за духовната борба

„Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да устоите на лукавствата на ѓаволот.  Зашто нашата борба не е против крв и месо, туку против управителите, против властите, против световните мрачни сили на на овој свет, против духовните сили на злото на небесата. Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се противставите во лош ден и откако ќе свршите сè, да се одржите! Затоа, стојте цврсто, препашани со вистината преку половината, облечени во оклопот на праведноста, и со нозе обуени со подготвеност за Евангелието на мирот! А освен тоа земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на злиот, земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово“  (Ефеш. 6:11-17).
     Низ сите денови од животот постојано нешто има што нѐ мачи, што не ни дава мир. Барем во мојот живот е така. Де убави моменти, де тешко, тешко не се издржува. Пред неколку дена станав од креветот чувствувајќи се дека е подобро да не станувам. Сѐ тргна наопаку. Викам по децата, викам по сопругот, се жалам како сѐ да е против мене, никој не ме слуша. Дури и немав време да се подготвам и да стигнам онаму каде што требаше да стигнам. Со еден збор сакав да врескам. И додека се возев накај центарот си мислев: Аман Боже, до кога веќе со овие искушенија. И ?! Во истиот момент кога си го изговорив тоа, се исполнив со мир. Зошто? Затоа што станав свесна што ми се случува.
Пред сѐ, многу е важно човек да е свесен за постојаната духовна борба во која се наоѓа, а потоа да има на ум дека во никој случај не треба да се потпира на себеси. Само Бог може да ни подари победа преку Неговата сила. Мора да се ослободиме од преголемата вера во себе. Да погледнеме длабоко во срцето и да видиме до која мера ѝ робуваме на желбата да си угодуваме себеси. Борбата не против другите, борбата е против нас самите, против стариот човек. Нели Господ ни заповеда да ги љубиме другите како самите себеси, а Бог да го љубиме и повеќе од тоа. Но, колку често сме обземени од мислите за сопствената среќа. Да ја отвориме вратата на срцето. Да Му дозволиме на Бог да го менува нашето срце. Најпрво да го исчистиме од целата нечистотија, а потоа да го наполниме со Божјите дарови. Можеме ли да ја наполниме чашата со чиста вода, ако прво не ја истуриме бајатата? Чекаме ли важен гостин во нашиот дом, а претходно да не ја исчистиме куќата? Да го подготвиме нашето срце како храм за Господ, и да бидеме совршени како што е совршен Тој. Сѐ додека не ги искорениме сите корени на каколот од срцето, ќе лутаме наоколу самосожалувајќи се. Нашата љубов е заклучена само за нас. Да ја ослободиме љубовта, па злото ќе побегне. Сите прашања од типот: Дали сум среќна? Дали ќе бидам задоволна? ќе ги снема, ако навистина се откажеме од себе. Таа тврдоглава желба за лична среќа е причина за немир и поделеност, која владее во нашата душа. Да се откажеме од неа и да дејствуваме против неа, останатото ќе ни биде дадено и без труд. Светиот Дух не е испратен само да нѐ утешува и да нѐ дарува, туку да нѐ исчисти и да нѐ подготви како совршена невеста за Христос.

No comments:

Post a Comment