Thursday, January 20, 2011

Жената во христијанството


    Бог го создал првиот човек и му дал дарови според Својата благодат, но сепак, нешто му недостигало, помошник сличен на него. Без тој помошник, блаженството на рајот не било целосно.
    Мажот, бидејќи бил способен да зборува, да мисли и да сака, му било потребно друго мисловно битие. Бог ја создал жената како животен сопатник на мажот. Таа била создадена од Бог, за со својата љубов, да го направи блаженството целосно. Според Бог, местото на жената е покрај мажот, значи таа не е под него, туку му е слична и само како таква може да ја даде помошта што му е потребна. Од друга страна, жената е во одредена смисла подредена на мажот, затоа што е создадена заради него и е земена од него: „Коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!” (Битие 2:23).
    Гревот го изобличил односот меѓу мажот и жената. Ѓаволот ја завел жената, потоа таа го завела мажот и го навела на непослушност. Поради тоа што ја злоупотребила љубавта, Бог ја казнил жената ставајќи ја во положба на потполна потчинетост на мажот: Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе” (Битие 3:16). Милостивиот Бог, Кој ги сака луѓето, ја врати рамнотежата меѓу половите преку безгрешното зачнување на Марија. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот. (1.Јован.3:8).
    
За да го спречи деспотизмот, апостол Павле рекол: Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на црквата, (Ефеш. 5:22-23), и тоа да го прават од љубов, а не од ропски страв. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја засака црквата и се предаде Сам Себеси за неа“ (Ефеш. 5:25).
    Една од најважните особини на жената е женственоста. Кога зборуваме за тоа дали жените се еднакво способни како мажите, не можеме, а да не забележиме дека способностите на мажот и на жената се усогласени со улогата што им е дадена од Господ во семејството и во општеството.
    Затоа нивните способности не можат и не треба да се споредуваат бидејќи секој е поспособен во остварувањето на сопствената улога. Жените се по природа поскромни, покротки и позависни и како такви бараат потпора во мажот.
Бидејќи повикот за жената е љубавта, таа не е само извор на пожртвуваност, туку и на голема храброст. Кога зборуваме за храброста на жената, тоа се однесува на храброста во секојдневните животни активности, трпеливоста, болестите, осаменоста.
    Бог ја воздигнал жената со човечка чест и по Божји лик и исто како мажот и жената е откупена преку крвта на Христос, Спасителот. Според повикот, жената треба да се труди да биде битие што љуби и што е посветено. Жената треба, со своите љубов, нежност, грижа за семејството, посветеност спрема мажот и децата, да направи од својот дом извор на љубов, мир и среќа. Оној кој навистина сака, без разлика дали е тоа маж или жена, тој не живее заради себеси, туку живее за личноста што ја сака. Љубовта е појака и од смртта и ништо не може да ја победи.


No comments:

Post a Comment