Sunday, January 8, 2012

Повикана за борба


Во еден период од Израелевата историја, Бог подигнувал судии да го водат народот. Дебора, била единствената жена која му служела на Бог во оваа улога.Таа била сопруга, пророчица и судија. Нејзиниот живот бил исполнет со вера и Бог ја дарувал со мудрост и авторитет за да зборува во Негово име и да го води народот во време на голем политички пресврт и хаос. (Судии 4:1-16, Судии 4:17-24, Судии 5:1-18, Судии 5:19-31).
      За какви дела во верност сме повикани ние денес? Што не спречува и како да го надминеме тоа?
   Како во минатото така и денес Бог повикува луѓе  во битка, водејќи ги надвор од идолопоклонството  и обновувајќи го нивното достоинство како одбран Божји народ. Во тоа време  Дебора кога ја опишува нејзината улога не се нарекува себе си пророк, ни судија, ни генерал, туку едноставно мајка на сите деца на Израел и како мајка го потсетува  својот народ на кој Бог му служат. Така и нам денес ни е потребно некој или нешто да не потсети и да не води во победоносен мир со Бог, а со тоа и во победоносна позиција на целиот народ во однос со светот.
     Можеби немаме водечка позиција или влијателно работно место кое има моќ во општеството, но сепак можеме да бидеме мајки на тие околу нас и да ги инспирираме да чекорат во праведност. Можеби во нашиот живот имаме премалку време или можности, но сепак можеме да бидеме влијателни мајки кои ќе ги надминат очекуваните граници. Можеме да бидеме како Дебора и преку нашата вера да бидеме  употребени од Бог и да бидеме мајки на нашиот народ.  
    Татко, помогни ни да истапиме и да ти служиме правилно во нашата генерација. Откриј ни што не спречува - личните сомнежи и слабости. Нека се зајакне верата во нашите срца, нека се зацврсти знаењето во нас за тоа кој си Ти, за да можеме да делуваме со вера во Тебе, и во силата на Светиот Дух ден за ден. Амин!

Sunday, September 4, 2011

Експеримент

Катерина ни раскажува за нејзиниот еднодневен експеримент.Ох,тоа навистина  беше вистинско откровение за неа. Таа си имаше проблем што е многу својстевен за повеќето  од нас. Таа лесно критикуваше во секоја ситуација. Ги критикуваше луѓето и се жалеше на се. Едно утро додека таа размислуваше за еден цитат од Библијата каде што пишува „...да не се осудуваме веќе еден со друг...“ Римјаните 14:13, таа почувствува како Бог ја охрабрува да проба цел ден да не критикува и осудува никого.
Катерина проба да заборави на овие стихови и ги игнорираше, меѓутоа тие не и даваа мир и постојано и се навраќаа во мислите.Таа сакаше да си го оправда нејзиниот критичен начин на размислување, говорејќи си на себе дека Бог ни дал мудрост да анализираме и евалуираме па дури и да резултатот од тоа  биде негативен. Таа размисуваше долго за ова и во мислите уште повеќе се жалеше и критикуваше. На крај колку и да не и се допаѓаше тоа таа реши да направи експеримент и само едне ден да не си дозволи да критикува и осудува.
Цело утро таа размислуваше каков ќе биде ефектоt од овој експеримент на крајот од денот. Ручекот што го помина заедно со сопругот и пријателите помина вообичаено освен што на маста седеше една особа која постојано молчеше, тоа беше Катерина. Таа не се обврза на молчење, само на не критикување. Ја изненади фактот дека поголемиот дел од нејзиното зборување е критикување и осудување, и сега немаше што да каже. Таа беше тивка и не зборуваше затоа што не знаеше што да каже без да критикува. Затоа молчеше и изгледаше дека нa никој не му сметаше тоа. 
И тогаш на сред попладне почнаа да и доаѓаат креативни идеи какви што не имала оддамна. На крајот од денот таа беше обземена од радост и восхит за тоа што се може да направи ако се воздржува од критички став. Таа напиша писмо со кое ја охрабри својата пријателка, помина време во молитва за другите за кои наеднаш почувствува огромна љубов, бараше опростување од своите деца, гледаше каде и на кого може да помогне и ниту една критичка и осудувачка мисла не ја спречи во тоа. Како плод од сето ова имаше огромна радост во себе.
Еднодневниот експеримент на Катерина се претвори во нејзина живодна навика.
„Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, каде што е потребно, за да им даде благодат на слушателите.“
Ефешаните 4: 29

Thursday, August 25, 2011

Слушај го внатрешниот глас

Седам и размислувам за изминатава  недела, за тоа што се ми се случи и во себе си ја изговорив познатата реченица: Хм, чудни се Божјите патишта.  Но, ако размислам подлабоко Божјите патишта не се чудни, само ние тешко ги разбираме, зошто нашиот ум функционира поинаку од Божјиот. Нашите желби, интереси и стравови ни ја одзимаат мудроста која Господ ни ја дал преку Светиот Дух.  Кога треба да направиме нешто секогаш се потпираме на нашето разбирање, на она што го гледаме и она што го слушаме.  А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и неможе да го разбере, зашто за тоа треба да се расудува на духовен начин (1 Коринтјаните 2: 14). Можеме да ги прочитаме сите мудри книги на овој свет, можеме да зборуваме повеќе јазици, па дури и да знаеме што е правилно а што не, но потпирајќи се на нашиот разум грешиме. Ние не ја знаеме иднината, ние не ги знаеме мислите на другите. Но, имаме еден внатрешен глас во нас кој секогаш и без исклучок ни зборува. И кога не го слушаме тој глас,  колку и да мислиме дека постапуваме правилно сепак немаме мир. Никој нека не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да може да стане мудар, зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог! (1 Коринтјаните 3:18,19). Господе, те молам дај ни мудрост  и разбирање. Научи не да го слушаме внатрешниот глас , да се надеваме на Тебе со сето свое срце и да не се потпираме на нашиот разум. Зошто само Христовата мудроста може да ни даде мир и да ја зарадува нашата душа. АМИН!

Thursday, July 21, 2011

Сфати, за да бидеш сфатен


    Она што навистина го научив е дека една личност може длабоко да биде посветена на бракот, љубовта кон пратнерот, животот во меѓусебна верност и лојалност, посветеноста во одгледувањето на децата, а сепак да ги уништиме односите и довербата. Не мора да зборуваме грубо и нељубезно или да бидеме неучтиви за да повредиме некого. Со оние кои ги сакаме, доволно е да го запоставиме срцето, умот и духот. Односите и довербата не се постојани. Тие се одржуваат и продлабочуваат со активно негување и надоградување со чести гестови на љубезност, обзир , почит и услуга. 
     Научив дека квалитетот на нашиот брак и мојата сопствена среќа не се во голем дел поврзани со она што мојот сопруг прави за мене, туку со она што јас секојдневно го правам за да ја поттикнам неговата среќа, да го споделам неговиот товар и да му помогнам во нештата за кои најмногу се грижиме. Научив дека обединетоста со мојот сопруг е еден од најголемите извори на моќ во мојот живот – не само во заедничката работа, во семејството и заедницата, туку и во секоја област од мојот живот, (бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла).. Тоа создава бунар од сила, мир, радост, припаѓање и енергија од која произлегуваат моите најдобри дела, креативноста и водичот кон идните придонеси.
    Конечно, научив дека за една цврста врска потребен е вистински труд и жртвување. Благосостојбата, растот и среќата на другиот треба да ја поставиш како приоритет. И, да, навистина вреди! Тој труд ја отвара вратата кон сопствената среќа. Што би можеле да правиме без еден таков однос кој ни помага да излеземе од себе и да се изедначиме со нашиот потенцијал?

Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината; сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи.  Љубовта никогаш не престанува 
(1 Коринтјани 13-:4-8)

Thursday, July 14, 2011

ПОМОШ ЗА ЈАНА

Здружението ,,Македонска зора,, , Хуманитарните организации 
,,Светлина на дланка ,, и ,,Македонско - беломорски крст,, заедно со родителите на Јана Љондова и нивните пријатели започнува со хуманитарна кампања за собирање парични средства за лекување на Јана во Русија . 
Јана има 14 години и боледува од ,,церебрална парализа ,,со парализа на телото и на екстремитетите . Воедно во Детска клиника во Русија успешно се лечи спазамот со терапии и матични клетки со којашто терапија ке може нормално да се движи и телото да и се рехабилитира за да може самостојно да се движи и функционира . За оваа интервенција се потребни минимални средства од 70 000 евра , кои родителите не се во можност да ги обезбедат . Затоа ве замолуваме да донирате на следните места - 
Во Клубот ,,Незаборав ,, Тц Скопјанка сутерен до Пазарчето и во сите локации - Приватни здравствени установи ( Во специјално утврдена кутија за Јана Љондова )
На жиро – сметката 380277041801184 / Прокредит –банка за Јана Љондова
И во Комерцијална банка ад Скопје Жиро –сметката 300000002923325 на Здружението ,,Македонска зора ,, со назнака за Јана Љондова .

Wednesday, June 15, 2011

Пустина



Секојдневно се соочуваме со разни ситуации за кои најчесто мораме да донесеме некоја одлука, да преземеме ризици, да се застапиме за нешто, да поттикнеме некого. Секако тоа со себеси носи ризик дали одлуката е правилна или не. Не знаеш на која страна да тргнеш, не знаеш на што ќе згазнеш.. Ах, пустина полна со песок.
Има ситуации кога сме во материјална потреба, без работа, кога резервите на финансии се потрошиле, или кога сме исцрпени од премногу работа, а мала заработувачка. Потребата му го одзема животот на човекот Ах, пустина без вода.
Ситуации кога нѐ напаѓаат и сакаат да ни наштетат заради свои интереси, нѐ ограбуваат, нѐ измамуваат или нѐ отфрлаат. Ах, пустина со многу змии, шкорпии и пајаци. 
Ситуации кога сме обесхабрени од тешки предизвици, од предолго чекање нешто да се случи или да се промени. Ах, пустина со непроодни песочни дини.
За мене еден од најпоучните делови за практичниот животот од Библијата е делот од Стариот завет кога Израелците биле во пустината. Може да се поучиме од нивното однесување и по илјадници години. Без разлика каков облик земала пустината можеме да ја доживееме и денес и да талкаме долго време, затоа што забораваме од каде Бог нѐ избави и што ни вети. 
Кога израелските деца Му верувале на Бог, Тој ги избавил од ропство и ги водел дење со облак, а ноќе со огнен столб до ветената земја. Кога биле гладни, но со доверба чекале на Бог, Тој ги хранел со мана од небото. Кога биле жедни вадел вода од карпа. Кога ги каснувале змиите, ги избавувал само со еден поглед, преку вера. Кога сме во некаква пустина, многу е важно да сме свесни што ни се случува и како да реагираме бидејќи тоа ќе ни ја одреди насоката на животот. Иако пустината нѐ истоштува психички и емотивно, сепак милостивиот Бог, преку силата на Светиот Дух ќе нѐ зајакне, ќе ни даде насока и ќе нѐ охрабри. Ќе ги примиме Неговите мир и освежување, додека дозволуваме Божјиот карактер да го обземе нашето срце. „Не со силата и снагата, туку со Духот Свети“ (Захарија 4:6).
Пустина во мојот живот траеше и траеше. Жеднеев, молев и давав сѐ од себе за да се избавам, но не можев да разберам дека всушност треба му предадам сѐ на Бог. Дека мојот живот е Негов и секако Тој ќе го заштити Своето, а јас само треба да се одморам во Неговата прегратка. „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот имате неволи; но бидете храбри - Јас го победив светот” (Јован 16:33).

Sunday, May 15, 2011

Молителka

Во Стариот завет, во светата скинија се наоѓал олтарот каде што се палел благопријатен мирис пред Бог (молитвата). Тој се палел од олтарот каде што се принесувало жртва.  Жртва е да се молиш. Молитвата бара посветеност, жртва на време и да кажиш „не“ на некој лични интереси за да можеш да се повлечеш во својата тивка соба и да се молиш. Честопати тоа може да значи да ги оставиш алиштата несредени и садовите неизмиени за да издвоиш време за молитва. Сепак, молитвата не треба да биде изговор за несреден дом, меѓутоа треба да ни биде преоритет.
Апостол Павле ги жртвуваше својата волја, своите безбедност и живот за да Му служи на Бог и на Неговите луѓе. Неговиот голем успех беше тесно поврзан со жртвувањето на својот живот за другите. Има голема сила во жртвата. Делото што го направи Исус на крстот е симбол на најголемата дадена жртва и има огромна моќ во животот на оние што Му веруваат. Степенот на кој го предаваш својот живот за другите е степенот на кој ќе ја искусиш Божјата сила во твојот секојдневен живот.
 Во една црква имало една жена, која имала 90 години. Таа можела да ги каже имињата на долг список луѓе за кои другите би имале потешкотии да ги запомнат и да се сетат . Кога била запрашана како успеала да  ги запомни, таа одговорила: „ Јас се молам за нив секој ден“. Тешко е да се заборави некој за кој се молиш, зарем не?!
Павле вели „ Вие сте царско свештенство - избран народ.“ Размисли за тоа. Свештенството значи застапништво, да се застапуваш во молитва, не за себеси, туку за другите. Застапувањето во молитва за тебе често ќе значи жртвување на твоето време, непреспиени ноќи поминати во молитва.
Можеби си велиш „Мене ми е потребно да се молам за себе за да се пронајдам“, Бог вели „Кој ќе ја загуби својата душа заради Мене (жртва), ќе ја најде„ Матеј 16:25. Кога се молиме за другите тоа ни помага да се пронајдеме себеси.
Дали некогаш си се запрашал што е Божјата волја за твојот живот? Во Библијата пишува: „Радувајте се секоагаш, молете се постојано и благодарете за сè, зашто тоа е Божјата волја за вас во Христос Исус“. 1 Солунците 5 :17
Бог нè повикува да се молиме постојано. 
Радувајте се во надежта, бидете истајни во невола, постојани во молитва. Римајани 12:12
 „Бидете постојани во молитва со будност и благодарност“. Колошаните 4:2
„Ноќе и дење најсесрдно се молиме...“ 1 Солунците 3: 10
Не се откажувај од молитвите, биди истрајна и упорна. Нека не ти здодее, зашто за тоа си повикана.
Дали Бог ти зборел во срцето дека треба да се застапуваш за другите во молитва? Тогаш, не се откажувај и биди неуморна во молитвите. Има голема сила во молитвата на праведникот. Молитвата носи промени во животот на луѓето и промена на ситуациите. Ние како жени сме дожни да се молиме и за нашите деца и за сопрузите за сите да дојдат до познавањето на Бог и да одат по Неговите патеки. Многу познати личности во христијанскиот свет имале зад себе мајки што се молеле неуморно за нив. Молитвата бара истрајност.
Да не забораваме да се молиме за браќата и за сестрите во црквата, зошто сите ние сме искушувани од лукавиот и има опасност да застранеме од вистината. „Со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сета истрајност и со молба за сите светии..“. Ефешаните 6:18
Библијата ни вели да се молиме за властите и за авторитетите да имаат мудрост од Бог за да водат. Да се молиме за нашите пријатели, роднини и блиски, кои не го познаваат Бог, за да Го запознаат и да имаат вечен живот.
„На ѕидовите твои Ерусалиме, поставив стража, која нема да молкне ни дење ни ноќе, О вие што Го спомнувате Господа, не замолкнувајте. Не замолчувајте пред Него сè додека тој....не го изврши тоа ( за кое се молиш)..и ќе ги наречат свет народ , откупен од Господ...“ Исаија 62 6-7,12.
Продолжи да се молиш. Бог ќе одговори!