Седам и размислувам за изминатава недела, за тоа што се ми се случи и во себе си ја изговорив познатата реченица: Хм, чудни се Божјите патишта. Но, ако размислам подлабоко Божјите патишта не се чудни, само ние тешко ги разбираме, зошто нашиот ум функционира поинаку од Божјиот. Нашите желби, интереси и стравови ни ја одзимаат мудроста која Господ ни ја дал преку Светиот Дух. Кога треба да направиме нешто секогаш се потпираме на нашето разбирање, на она што го гледаме и она што го слушаме. А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и неможе да го разбере, зашто за тоа треба да се расудува на духовен начин (1 Коринтјаните 2: 14). Можеме да ги прочитаме сите мудри книги на овој свет, можеме да зборуваме повеќе јазици, па дури и да знаеме што е правилно а што не, но потпирајќи се на нашиот разум грешиме. Ние не ја знаеме иднината, ние не ги знаеме мислите на другите. Но, имаме еден внатрешен глас во нас кој секогаш и без исклучок ни зборува. И кога не го слушаме тој глас, колку и да мислиме дека постапуваме правилно сепак немаме мир. Никој нека не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да може да стане мудар, зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог! (1 Коринтјаните 3:18,19). Господе, те молам дај ни мудрост и разбирање. Научи не да го слушаме внатрешниот глас , да се надеваме на Тебе со сето свое срце и да не се потпираме на нашиот разум. Зошто само Христовата мудроста може да ни даде мир и да ја зарадува нашата душа. АМИН!
No comments:
Post a Comment